Студентите од катедрата за царина и шпедиција, на Факултетот за туризам во Охрид реагираат на, како што велат – несоодветното вработување на кадри во Царинската управа.

“90% од вработените во царината не знаат да го исклучат правилно комјутерот“ – велат студентите, кои својот револт го искажуваат пишувајќи на веб форумот на Царинската управа.

Деканот на Факултетот за туризам во Охрид, Софронија Миладиноски ја осудува политиката на минатите раководства кои не успеаа да ги вработат кадрите кои ги продуцира факултетот, иако царината се обврза на тоа потпишувајќи спогодба со државата.

“ Во изминатиот период – вели Миладиноски, од близу 400-тините ново вработени, немаше ниту еден од нашиот факултет. Царинската управа дозволи откривањето на криминалот да го препушти на  луѓе со несоодветно образование, без никаква  стручност“-додава тој.  

Професорите реагираат и на последната владина одлука со која вработите во јавните претпријатија можат да го продолжат работниот век во царината. Се уште е актуелен  трасферот на вработени од Ј.П. за стопанисување со стамбен и деловен простор, во царината каде сега тие обавуваат работни задачи.

Директорот на управата Ванчо Каргов потврдува дека примиле  работници од ова јавно претпијатие, но вели дека тие не обавуваат одговорни функции. „Се е според законот“ –вели тој. Каргов дури остро критикува: “студентите кои се едуцираат на катедрата за царина и шпедиција, на тестирањата даваат најлоши резултати.

Професорите на ФТУ кои се изненадени, од како што велат, однесувањето на Царината, се надеваат дека ќе дојдат подобри времиња за студентите кои ја чекаат царинската униформа.   

Росица Голабоска