По повод обележувањето на 50 годишнината од потпишувањето на Римските договори, на 24.03.2007 со почеток во 12 часот во Големата сала на Општина Охрид, во организација на Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи, ќе се одржи трибина на тема „Улогата на Римските договори: минато – сегашност“.
    
На трибината ќе говорат Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија Габриела Коневска-Трајковска, Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, Џоан Пирс, заменик (Charge d Affaires) на Амбасадорот на Мисијата на ЕУ во Македонија и Амбасадорот на Германија во Македонија Ралф Андреас Брет. На трибината ќе присуствуваат речиси сите амбасадори на земјите членки на ЕУ во Македонија.


Римските договори од 1957 година, значеа почеток на Европската Економска заедница (ЕЕЦ) и беа ратификувани од шест земји основачи, Франција, Западна Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург.

Иако со Договорот од Маастрихт од 1992 беше основана Европската Унија, сепак Римските договори сеуште се фундамент на ЕУ.

На трибината се поканети претставници на локалната самоуправа, од бизнис заедницата, професори и студенти од Факултетот за туризам во Охрид и претставници на невладини организации.

С. К.