Тринаесето место со само седум освоени бода ниту од далеку не ги задоволува апетите на охридските фудбалски гурмани. Но согледувајќи ги случувањата и состојбите во клубот во текот на оваа полусезона прашање е дали можеше повеќе.
Охриѓани во тие 13 кола се радуваа само два пати и тоа во првото коло против Цементарница на гости со 3-0 и на домашен терен со Влазерими 4-1.
– Почетокот на сезоната беше добар и лично се надевав за многу поголем успех. Но проблемите кои се случуваа во клубот, промените во управата, честата промена на тренерската позиција , ненавременото исплатување на играчите не доведе до оваа за мене, но и за другите незадоволителна позиција – ни рече Димоски.
Капитенот Димоски е најдобриот стрелец во тимот со пет постигнати гола (еден во купот). Димоски од оваа сезона ја презеде капитенската лента а вели дека чест му е што ќе се запише во редот на капитени на белите.
-Во секој случај одговорноста е голема. Но фудбалот не е индивидуална игра туку тимска, каде што залагањата од сите играчи мора да се подеднакви за да се постигне саканиот успех.
Некогашниот тренер на Силекс, Славко Јовиќ е тренерот кој му оставил најсилен впечаток на Димоски во досегашната кариера. Тој смета дека со соодветни засилувања Охрид ќе го зачува второлигашкиот статус.
-Шанси за опстанок би имале доколку во зимскиот преоден рок се засилиме со 3-4 поискусни играчи, блага предност е тоа што поголем дел од натпреварите ќе ги играме на домашен терен – истакна капитенот.
Охридската десетка останува и во наредната полусезона да ги брани боите на Охрид, смета дека визната либеризација нема да донесе одлив на фудбалери на страна.
–Визната либерализација на играчот како поединец може да му донесе полесен излез од земјава, а ангажманот и успехот не зависат од тоа – заврши Димоски.
М.Постоловски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com