Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се уште нема договорено коалиција со поголемите партии во однос на гласовите за претстојните претседателски избори, изјави претседателот на партијата Максим Димитриевски, кој денеска беше во посета на Охридско-струшкиот регион. Тој го повтори ставот од предизборниот период, дека за гласовите добиени на негово име нема морално право да бара да се гласа за некој од кандидатите.

Имаше куртоазни честитки на тие кои добија најголема поддршка, од моја страна и на професорката Давкова, па и на господинот Мицкоски. Нема договорено во овој момент ниту една коалиција. Како ќе одлучи партиското раководство на партијата, така и ќе постапиме, рече Димитриевски.

 

Барајќи ја поддршката од граѓаните за кандидатската листа на ЗНАМ посочи дека тој како личност ќе даде поддршка и за претседателските избори.

Но притоа секако во одреден момент ќе го искажам својот став како што претходно кажав дека ќе излезам на избори и масовно повикувам да се излезе на избори и ќе го кажам својот став како јас лично како граѓанин, Максим Димитриевски ќе гласам на претстојните претседателски избори. А за парламентарните се подразбира не само што ќе гласам за ЗНАМ, туку барам и граѓанската поддршка да се даде на ЗНАМ, изјави Димитриевски.

Димитриевски барајќи ја поддршката за листата на пратеници во Изборната единица 5 на ЗНАМ предводена од Весна Бендевска, вети анализа на целата состојба во државата, реална борба против корупцијата, со стратегија и борба против политичка корупција, која, според Димитриевски, се наоѓа во највисоките ешалони на политичките субјекти.

Нашата програма не е како останатите. Ние во нашата програма имаме конкретни мерки коишто се реално остварливи, а таму каде што до сега имавме и се уште имаме власт, тоа е на ниво на локална самоуправа, го потврдуваме кажаното дека зборот за нас се уште е збор. Тоа значи, тоа што ќе се вети, тоа и ќе се реализира. Но ниту во еден момент, како партија во зачетоци која што се потврди на последните избори, нема да дозволиме да бидеме пион за поткусурување на сметките на големите, туку имаме намера да се стекнеме со целосната поддршка на граѓаните, и да преземеме во иднина одговорност за менаџирање на оваа држава, рече Димитриевски.

Носителката на листата на пратеници на движењето ЗНАМ во петтата Изборна единица Весна Бендевска, повика на масовна излезност на парламентарните избори, нагласувајќи дека редно е граѓаните да ја земат работата во свои раце.

И редно е на партиските машинерии кои 30 години се менуваат, да им се каже доста е. Сепак народот дава, народот зема власт, додаде Бендевска.

OhridNews