Меѓу репрезентативците кои селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван ги повика на подготовките во Охрид беше и Дарко Димитриевски член на тимот на Пуерто Сагунто од шпанската АСОБАЛ лига. За 20-годишниот ракометар ова е прв повик и тоа ќе преставува мотив повеќе за макотрпна работа.
– Да се биде дел од селекцијата за мене голема чест, овие моменти минати со момците никогаш нема да ги заборавам. Јас сум среќен што сум меѓу репрезентативци кои се големи спортисти и пред се добри луѓе. Повикот во селекцијата ќе биде мотив повеќе за мене за уште поголемо ангажирање и максимално работење на тренинзите за селекцијата и клубот – вели Димитриевски.
Димитриевски во Шпанија се пресели од Катар земјата домаќин на мундијалот 2015 година. Една сезона новопечениот репрезентативец настапуваше за Катар спорт клуб, а промените во правилата за странците било причина за заминување.
– На мои 19 години направив трансфер во Катар, во едногодишниот престој таму научив многу добри работи и искуството што го акумилирав нема цена. Нема импровизации и ништо не се остава на случајност професионалноста е многу високо ниво затоа често се решаваат ракометари од Европа да играат таму. Лигата во Катар е доста квалитетна, причина за моето заминување беше намалувањето на интернационалците во составот од четири на три – посочи 20-годишниот ракометар.
Имал повеќе опции за продолжување на кариерата, но младиот ракометар го одбрал клубот Пуерто Сагунто, кој се натпреварува во АСОБАЛ лигата и не жали поради тоа.
– Многу слушав за таа лига дека е слаба и дека немаат повеќе квалитет, но кога отидов таму се уверив во сосема спротивно. Клубот каде настапувам иако се наоѓа во долниот дел табелата е стабилен. Сега за сега АСОБАЛ лигата е идеално место за мене и сакам да поиграм што е можно подолго таму и да го стекнам искуството кое ќе ме одведе неколку чекори понапред во кариерата. Квалитетот во лигата е изедначен и може секој секого да победи и изненади, а секако отскокнува Барселона која ракометен дрим тим и едноставно неможеш да се носиш нив – рече интернационалец во Шпанија.
Веднаш по неговото доаѓање во вториот натпревар за тимот во Купот на Шпанија се сретнаа со Барселона каде настапува капитенот на Македонија, Кирил Лазаров.
– Така сакаше распоредот во мојот втор настап во Шпанија да се сретнавме со Барселона каде настапува Кирил Лазаров. Се запознавме со нашиот капитен кој е многу коректен и ми додели неколку совети кои почнав веднаш да ги практикувам – објаснува Димитриевски
Димитриевски нескромно посакува еден ден да го облече дресот на Вардар или Металург.
– Повеќе го посакувам дресот на Вардар бидејќи таму ги направив моите први ракометни чекори, но би немал ништо против да заиграм и за Металург. Во квалитет не сакам да ги споредувам бидејќе меѓу нив нема слаба екипа тоа го докажаа со пласманот во ТОП 8 фазата во Лигата на Шампиони – заврши надежниот ракометар.
Фото : Емилио
Мх.П.