Нема да има промени во кошаркарската репрезентација на Македонија и доколку има промени тие ќе бидат само на подобро, рече на прес конференцијата претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Даниел Димевски.

Со ова тој стави крај на шпекулациите дека по неуспешниот обид во Каракас репрезентацијата да избори пласман на Олимписките игри, поголем број од репрезентативците ќе се простат од националниот тим.

„Оваа репрезентација ќе трае, таа не го поминала својот зенит, таа е сè уште во зенитот. Оваа репрезентација ќе трае, клучните играчи кои што беа и во Литванија и во Венецуела ќе бидат и во Словенија, нема промена. Тоше ќе продолжи со репрезентацијата, тој ќе одлучи во која форма, дали како Врбица Стефанов. Ние немаме намера тимот што победува и сè уште победува, некогаш на терен, некогаш надвор од него, меѓутоа ова е победнички тим, ние ќе го задржиме и понатаму. Таа хармонија што ја има денеска е уште посилна. Ова нема да се растури, ние сме тим што тргнавме од нула да се качуваме нагоре и немаме намера да застанеме тука. Доколку има промени може да има само промени на подобро“, рече првиот човек на Мак Баскетот.

ohridnews