Пред љубителите на фудбалот и спортот, Димче Стојкоски – Лепи ја промовираше деветта книга во која се опфатени сите фудбалски збиднувања во Охрид последните 40 години односно од оформувањето на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) и Здружението на фудбалски судии (ЗФС).
Книгата која популарниот „Лепи“ ја пишуваше две години, вкупно има 350 страни и содржи се и сешто поврзано со фудбалот во Охрид, а за неговиот 80-ти роденден тој планира да изработи ЦД со исечоци од неговите претходни книги кои потсеќаат на убавите спортски времиња во Охрид.
– Книгата која е во колор боја исклучиво посветена е на фудбалот во Охрид и сите случувања последниве 40 години. Од сите натпревари каде што сум присуствувал или играле во Охрид и Дебрца има слика или резултат и нема натпревар кој не е запишан во книгата. Посебно место има за најзаслужните за успесите во фудбалот, почесните претседатели, фудбалери и судии кои со успешност го преставувале Охрид во Македонија и светот. Деветтата моја книга воедно е и последна и ми останува само за 80-от роденден да направам видео снимка со исечоци од деветте промоции. – рече авторот на книгата, Димче Стојкоски.
Збор на промоцијата на книгата од неговиот драг пријател зеде и првиот претседател на ОФС Охрид, Иван Новески кој потенцираше. – Мене ми е чест и гордост што како прв претседател и оснивач на ОФС Охрид оваа година прославивме 40 години. Нема ниту еден збор или пак реченица со која можам да го пофалам Лепи за неговиот труд и ентузијазмот со кој ги пишува книгите. Од се срце му благодарам и му посакувам долг и среќен живот.
Пофални зборови за Димче Стојкоски Лепи имаше и заменикот градоначалник Ангел Јанев кој во минатото година дена бил дел од охридската судиска организација.
– Ова дело на Димче Стојкоски стави еден голем камен во мозаикот наречен историја на охридскиот спорт. Година дена бев и јас дел од судиската организација и знам колку е тешко да се следи фудбалот и покрај љубовта која очигледно ја поседува авторот на книгата. Книгата со богатата историја треба на сите нам да ни послужи како пример и како треба да се водиме понатаму. Нема поголем амбасадор од спортот за еден град и ние како Општина секогаш тежнееме да го следиме тој тренд и несебично го подржуваме секој клуб кој партиципира во нашиот град. – потенцираше Јанев.
По промоцијата на книгата сите заедно на коктел разменија впечатоци и сеќавања кои ги има во книгата.
Фотогалерија:
Михаил Постоловски