Димче Јанко е последниот жив мајстор резбар од „Големата охридска четворка“ резбари: Славе Атанасовски-Крстанче, Петар Калајџиев и Наум Донев.
Нему му е посветена книгата „ Димче Јанко – Последниот патрик на Охридската резба“, која денеска беше промовирана во куќата на Прличев.
Според зборовите на промоторот на книгата, проф. др. Павле Митрески книгата претставува системско истражување на резбарството во Македонија со посебен осврт на работата на последниот жив резбар од прочуената Резбарска школа која егзистирала од 1925-1949 година.
Авторот на книгата Никола Бошале со книгата сака да се наврати на историјата на резбарството во Македонија и во тој контекст вели дека „резбата е постара и од зборот“. Според неговите истражувања македонската резба своите почетоци ги има во Охрид, а меѓу најстарите резби се иконостасот во црквата Мали Свети Врачи, Царските двери во црквата Св. Никола Болнички и скулптурата во дрво од Св. Климент.
Димче Јанко – Последниот патрик на Охридската резба
Творештвото на Димче Јанко се протега во период од седум децении, а во неговиот творечки опус има огромен број дела. Иако со возраста е во втората половина од деветата деценија, Димче Јанко уште твори со несмалена енергија и како во новелата на Хемингвеј за „Старецот и морето“ вели дека најголемата риба не е фатена, односно дека најубавата резба уште не е направена. Моментално работи на иконостасот за црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сиднеј, Австралија. За најголема придобивка ја смета таа што обучил неколку млади резбари и ги упатил во тајните на резбарскиот занает.
Јасмина Т. Момироска