Државната изборна комисија ги соопшти првичните неофицијални резултати од вториот круг од Локалните избори според кои Скопје и 43 општини во државава добија градоначалници. Конечните резултати, како што најави претседателот на ДИК, Александар Даштевски ќе бидат објавени во текот на денешниот ден.
Согласно објавените првични податоци ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во вториот круг од Локалните избори освоија градоначалнички места во 20 општини и тоа во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Охрид, Ранковце, Ресен, Чешиново-Облешево и Радовиш.
Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ освои градоначалнички места во седум општини – Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Чучер Сандево и Центар. Седум градоначалнички места во вториот круг освои и ДУИ и тоа во Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Струга, Теарце и Чаир.
По 100 % обработени податоци од ДИК, кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Кирил Пецаков доби 3.807 гласа повеќе во однос на кандидатот од СДСМ и коалицијата Константин Георгиески, односно за Пецаков гласале 16.993 или 54.60 % од вкупниот број избирачи, а за Георгиески 13.186 гласачи или 42.37 % од вкупно излезените гласачи.
Во Општина Дебрца независниот кандидат Зоран Ногачески освои 1.506 гласа или 52,81% од вкупниот број на гласови, додека кандидатот од СДСМ и коалицијата Игор Крцоски освои 1.276 гласа или 44,74 % од гласовите, велат податоците од ДИК по 100 отсто обработени гласачки ливчиња.
Во Општина Струга, по 100 отсто обработени податоци кандидатот од ДУИ Рамис Мерко освои 13.763 гласа или 52,07 % од гласовите, додека кандидатот од Алијанса на албанците и Алтернатива освои 11.711 гласа или 44,31 %.
Во Општина Вевчани мнозинството гласови се за Спасе Кочовски од ВМРО-ДПМНЕ или 856 гласа што претставува 50,41% од гласачите, а кандидатот од СДСМ Сашо Јанкоски освои 796 гласа или 46,88% од вкупниот број на гласачи.
Во главниот град по 100% обработени гласачки ливчиња кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска имала за 28.083 повеќе гласа од кандидатот од СДСМ Петре Шилегов. За Арсовска гласале 118.765, а за Шилегов 90.682 граѓани, или во проценти, 54,66% наспроти 41,73%.
OhridNews