Во вториот круг од Локалните избори, што ќе се одржи на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини. Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање според кој треба  да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список, информираше денес претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

ДИК во рок од 15 дена треба да ја извести Владата за прегласувањето во овие две општини, а откако од Влада ќе испратат известување до Собрание, Законодавниот дом треба да распише нови избори за Маврово- Ростуше и Центар Жупа.

Приговори за гласање на листите на кандидати за градоначалници до ДИК има поднесено за општините Дебар, Шуто Оризари, Пласница и Кисела Вода. Додека, приговори за гласање  на листите за кандидати за членови на општините има за Дебар, Шуто Оризари, Лозово, Тетово, Пласница,  Штип и Кисела Вода.

На локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021, градоначалници беа избрани во вкупно 32 општини.

Што се однесува до проблемот со апаратите за биометриска идентификација кои се појавија во првиот круг, претседателот Даштевски истакна дека очекува да бидат надминати.

OhridNews