Поради бројни реакции од јавноста, Државната изборна комисија денес донесе одлука за поништување на измената на Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче, која беше донесена на вчерашната седница, со што во сила ќе го стави претходното Упатство, информираа од ДИК.

По поништувањето на измената од упатството, од ДИК нагласуваат дека избирачките одбори треба доследно да ја почитуваат одредбата од член 109 став (2) од Изборниот законик и задолжително да ставаат печат на гласачкото ливче на местото предвидено за печат.

Секој пропуст во овој дел ќе се третира како пропуст во постапката и доколку се утврди несоодветно работење на Избирачкиот одбор односно непочитување на било кој дел од постапката, а особено на член 109 став (2) од Изборниот законик ќе биде предмет на покренување на кривична постапка, велат од ДИК.

Инаку, измената се однесуваше на делот од Упатството каде што се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат, со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на Избирачкиот одбор. Ваквата измена од страна од ДИК беше донесена по пресудата од Управниот суд на Република Северна Македонија со која за важечки се сметаа ливчињата без печат.

 

Недозволиво е поради пропусти направени од членови на избирачкиот одбор, гласачите кои гласале и ја изјавиле својата волја на гласањето, нивните гласачки ливчиња кои немале печат да се сметаат за неважечки, се вели во образложението од пресудата од Управен суд.

Од ДИК велат дека, наспроти пресудата од Управен суд тие укажале и побарале од членовите на избирачките одбори задолжително да ставаат печат на гласачките ливчиња и доследно да го почитуваат Изборниот законик.

 

OhridNews