Државната изборна комисија денеска се очекува да одржи седница на која ќе се изврши жребка за редоследот на гласачкото ливче за Парламентарните избори закажани за 8 мај.
Со измени во Изборниот законик изгласани на 1 април се предвидува во време на двојни избори, една ждрепка во ДИК која ќе утврдува редослед и за претседателски и парламентарни избори. Тоа значи дека редоследот кој беше утврден за идниот шеф на државата, ќе остане и на партиите за парламентарните избори. Актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски ќе биде прв на листата за претседателските избори. Втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Четврти е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
ДИК вчера попладне на седница потврди листи со кандидати за пратеници на Парламентарните избори.
ДИК утврди дека во сите шест изборни единици имаат поднесено листи за пратеници Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ и Коалицијата, Коалицијата „Храбро за Македонија“ преводена од ГРОМ ИНТЕГРА и ПЦЕР, Партијата Македонска Ера Трета – македонски независни листи-суверинисти, политичката партија Левица, Коалицијата „Европски фронт“ – преводена од ДУИ и коалицијата, Коалицијата „Влен“ (Вреди), Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Движењето ЗНАМ За наша Македонија.
Политичката партија Демократи има поднесено листа пратеници во пет изборни единици, политичката партија Аваја во ИЕ 3, 4, 5 и 6, Твоја партија во ИЕ 1, 2, 3 и 4, Родина Македонија во ИЕ 1, 2, 4 , 5 и 6, а Партијата Единствена Македонија – Европско граѓанско движење има поднесено листа за кандидати за пратеници само за Шестата изборна единица.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски вчера информира дека Партијата Нова алтернатива прави корекции и не е уште комплетирана листата, но потенцира дека уште траат роковите за исправки кои треба да ги извршат партиите.
Исто така, ДИК на вчерашната седница го утврди изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници.
OhridNews