Во спомен куќата на најголемиот охридски поет, Григор Прличев, во саботата беше промовирана книгата „Дијалог за животот“ од големиот јапонски писател Даисаку Икеда. Ова класично литературно дело досега е преведувано на многу светски јазици, а во Македонија пред нашите читатели доаѓа преку „Мацедониа Прима“ – издавачка куќа од Охрид, а печатот е на уште една охридска издавачка куќа “Летра“.
Од промоцијата. Јордан Плевнеш
Домаќин на приемот беше Н. Е. Јордан Плевнеш, кој сугестивно пред голем број посетители од Охрид, земјава и странство, зборуваше за значењето на книгата и за извонредните литературни квалитети на јапонскиот мајстор на пишаниот збор.
„Даисаку Икеда на посебен начин влегува во македонскиот хоризонт, бидејќи во своите дела секогаш и` давал посебно значење на македонската античка култура во европската историја. Ова негово дело е ретка борба против се` посуровиот глобализам кој ја уништува секоја клетка, секој утописки, хуманистички поглед на иднината на човештвото“ – вели Плевнеш.
Археологот Паско Кузман, истакна дека од оваа година во Охрид ќе се доделува наградата на Свети Климентовата книжевна академија за дела објавени на македонски јазик од научната, духовната и хуманистичката сфера и дека прв добитник на наградата ќе биде токму Даисаку Икеда.
„Во име на Свети Климентовиот хуманизам, книжевност и наследство, во името на сегашниот миг на охридскиот хуманизам, Даисаку Икеда ја добива првата награда за хуманизмот“ – рече Кузман.
Делото на Икеда зборува преку дијалошка форма, меѓу писателот и британскиот историчар Арнолд Торнби, за дијалог помеѓу Западот и Истокот, за дијалог помеѓу цивилизациите.
Триста примероци од книгата на барање на авторот, кој бил воодушевен од квалитетот и дизајнот на преведеното дело, ќе бидат испратени во Јапонија, а пет книги ќе бидат испратени во библиотеката во Вашинктон каде се чуваат примероци од целокупното светско издаваштво. Македонската промоција на Икеда доби публицитет во јапонскиот дневен весник “Сеику Шинбун“, каде покрај книгата била објавена и картата на Македонија.
Даисаку Икеда е добитник на наградата за мир на Обединетите нации, како и на повеќе други награди и признанија.
С. Костоски
Г.Момироски