На булеварот „Туристичка“ наскоро ќе се вози по европски терк. На најпрометната сообраќајница во градот во тек е поставување на современи дигитални знаци кои возачите ќе ги предупредуваат за брзината со која се движат.


Максимално дозволената брзина на движење на бул.„Туристичка“  е 50 км. на час. Дигиталниот мерач поставен на сообраќаен знак ќе ја прикажува брзината со која се движи вашето возило, а доколку е таа поголема од дозволената ќе се вклучи светилка во лево или десно, во зависност во која коловозна лента се движите, објаснува Зоран Шикалески-советник за сообраќај во локалната самоуправа. Тој вели дека функцијата на новите дигитални сообраќајни знаци ќе биде во правец на зголемување на безбедноста во сообраќајот на оваа прометна улица, во чија близина се наоѓаат и две училишта.


Во првата фаза ќе бидат поставени два дигитални сообраќајни знаци  во близина на ОУ „Григор Прличев“. Нивната инсталација треба да заврши деновиве. По Нова година се планира да бидат поставени уште два такви знаци на потегот од крстосницата кај „Макси Де“ до крстосницата кај поранешна „Охридија“, а уште два дигитални сообраќајни знаци ќе бидат поставени во близина на пресекот со улицата „Стив Наумов“.

Г. Момироски