На 2 август на Античкиот театар во Охрид ќе биде изведен музичко-сценски настан „Музика универзалис“, на кој диџејот Дерик Меј, еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија.
Концертот ќе биде спој на електронска и класична музика на симфонискиот оркестар, проследена со светлосни ефекти, видео и аудио поддршка како и специфични костими.
Организатор е продуцентската куќа „Излет мјузик“, а идеен творец нејзиниот сопственик и продуцент Огнен Узуновски. Покровител на настанот е Министерството за култура. За оркестарските аранжмани на музиката на Меј е задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан, а за визуелното обликување на концертот – режисерот Игор Иванов.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција денеска истакна дека се работи за ексклузивен настан, замислен како музичко движење кое создава нови енергии и кој на македонската публика ќе и го доближи оригиналниот стилски израз на продуцентот и композитор на електронска музика Дерик Меј.
– Тој е еден од најзначајните претставници на т.н. детроитски звук, кого многумина го нарекуваат Мајлс Дејвис на електронската музика. Веќе ги има освоено сите познати европски и светски сцени и фестивали, а радува податокот што тој редовно гостува и во Република Македонија, рече министерката за култура.
Дерик Меј првпат дошол во Македонија во 2000 година и од тогаш ја има посетено неколку пати. Рече дека низ годините гледа дека има развој и промена на голем број аспекти на културното живеење во земјава.
– Мислам дека настанот во Античкиот театар ќе доживее голема културна резонанца која ќе се протега и надвор од границите на Македонија. Се заблагодарувам за ова и порачувам да се забавуваме. Настанот е почетна идеја на Огнен, кој сакаше да направи нешто што ќе се истакне на овие простори, нешто што ќе ги постави новите граници од културен аспект. Добрата работа беше што ме спои со Емин Џијан и со прекрасни луѓе кои трудољубиво работат за да може да ја претстават државата на што е можно повисоко ниво, рече Меј.
Музичарот Емин Џијан посочи дека ќе се користат сите можности и моќноста на симфонискиот оркестар, а акцент ќе има перкусовноста на оркестарот. Директорката на Филхармонијата Маја Чанаќевиќ додаде дека со овој настан ги отвораат вратите за комбинирање на богатиот симфониски звук со други, различни жанрови. Режисерот Игор Иванов рече дека преку визуелно обликување и ефекти ќе се поддржи звукот и целиот настан ќе се документира на ДВД.
Перформансот „Музика универзалис“ ќе биде издаден и на ЦД и ДВД, заедно со краток документарец за археолошките локалитети во Македонија. Концертот ќе биде дел од содржините со кои Македонската филхармонија одбележува 70 години постоње. Филхармонијата ќе го прослави јубилејот и со концерт за отворање на 54. издание на „Охридско лето“.
OhridNews
Извор:„МИА“