Охрид треба да биде град кој промовира социјална правда, вклученост и безбедност за сите негови жители, преку систематски сеопфатни и иновативни програми во социјалната политика. Град кој обезбедува квалитетен живот од најрано детство до староста, рече на денешната прес конференција кандидатката за советник од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Снежана Дическа.

Покажуваме дека може да се промени начинот на кој Охрид се грижи за своите жители, од сите села и населби за децата, за младите, за постарите и оние на кои им е потребно повеќе внимание. Затоа што социјален град значи грижа за секој поединец кој го има својот дом тука. Постојано ја негуваме солидарноста и меѓугенерациската почит и затоа во претстојниот мандат преземаме конкретни мерки за подобрување на условите за повозрасните лица, рече Дическа.

Додаде дека во оваа насока во слободните простории и објекти кои се под надлежност на локалната самоуправа, предвидуваат отворање на пензионерски клубови, опремени со основни услови за развој на социјалниот живот на оваа категорија граѓани. Просториите ќе бидат отворени од 10 до 20 часот, а тука пензионерите во близина на своите домови ќе можат да поминуваат пријатни денови во третата доба.

Предвидуваме отворање на Центар за социјални услуги за изнемоштени повозрасни лица, кој ќе нуди нега и помош во нивниот дом. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и лиценцирани организации за нудење социјални услуги, ќе овозможиме помош и услуги за повозрасни охриѓани во нивните домови, вклучувајќи одржување на хигиена, снабдување со намирници, основна здравствена нега, вели Дическа.

Овој проект ќе го подобри животот на дел од нашите граѓани, но и ќе отвори нови работни места. Планираме организирање на локална поддршка за постари лица при добивање информации, совети, обезбедување дирекна помош при контакти со социјални и здравствени работници и институции, додава Дическа.

OhridNews