Ракометарите на Вардар на домашен терен во Скопје против актуелниот европски првак Монпелје ќе ги завршат натпревари во фазата по групи во Лигата на Шампиони. На „црвено црните“ им треба победа и пораз на Веспрем од Киелце за да стигнат до втората позиција на табелата.
- Мислам дека втората позиција е подобра само во еден сегмент, дека во четвртфиналето реваншот го играте дома. А ако размислуваме за екипите, Монпелје лани ни покажа дека никого не треба да потцениме. Така што дали играме со Загреб, со Мотор, со Спортинг, со Букурешт, не е важно за нас. Само да сме сите здрави и подготвени, ние ќе гледаме само кон врвот. Што се однесува до саботниот натпревар играме дома, а Вардар во Скопје секогаш мора да победи против кој било противник. Така што нема никакви калкулации, нема ни никакви желби за понатаму, со кого и како сакаме да играме. Сакаме само да победиме и да ја завршиме групната фаза со победа. – изјави Тимур Дибиров.
Тренерот на македонскиот шампион Гарсија Паронди откри дека има проблем со повредени играчи и до утре за кога е закажан натпреварот не ќе знае на кој ќе може да смета.
- Имаме проблем со пет повредени играчи за кои незнам дали ќе настапат. Ние направивме резервни планови за секој од нив и мислам дека ќе одговориме на предизвикот. Ова ни е последен дуел од Лигата на шампионите и со победа ќе направиме одличен резултат. Фокусирани сме на натпреварот и сакаме да покажеме дека можеме да го совладаме Монпелје. – потенцираше Парондо.
Натпреварот се игра во 17 часот и 30 минути.
OhridNews