Да се зборува за андерграунд култура во нашиов охридски микрокосмос е неблагодарна работа некој би рекол и луксуз.”Приврзаниците  на охридската андерграунд сцена се критично малцинство пред истребување-исто како панда мечките “-вели Дејан Петкоски,на охридската електронска сцена попознат како DJ Доги.Негова долгогодишна опсесија е трансот и транс културата,поле каде што  најдобро може да го изрази своето повисоко„јас“.

„Имав  среќа што на транс сцената влетав во нејзините најдобри денови,кога журките беа најпосетени, меѓу младите владееше ентузијазам и ведар оптимизам,а земјава се уште беше оаза на мирот“-носталгично се потсетува Дејан. „Од 1997 до 2001 јас и останатите членови на DJ колективот  “Dance populy” успеавме да организираме скоро 150 журки со гости DJ-и од многу балкански и западноевропски земји.Но по клучната 2001 година работите тргнаа наопаку за нас како и за се друго во земјава.После добро познатите случувања нагло опадна интересот за журките кои станаа вистинска реткост а и кога се случуваа не броеја повеќе од 30 до 40 посетители.Таа слика не е променета до ден денес“-констатира Дејан со жалење.

Но неговата упорност и желба  да го артикулира својот животен порив  преку транс музиката го лансирала многу подалеку отколку што очекувал.Последниве неколку години тој успеал да воспостави контакт со водечките имиња на македонската транс сцена, а како резултат на тоа учествувал на многу значајни електронски фестивали низ земјава како “psytisfaction” во Скопје и журката на Play TV на Градиште.Но како врв и на личен и на професионален   план го смета она што му се случи пред 2 месеци,а тоа е посетата на Венецуела, Бахамите,Аруба и Санта Фе.

„Тоа е веројатно патување на мојот живот.Ни на сон не би ми се случило нешто слично.Понудата да ги посетам овие прекрасни места дојде сосем случајно.Минатото лето во Охрид запознав двајца латино типови кои беа воодушевени од музиката која ја пуштам, а кои ми ветија настап во Венецуела.Искрено не верував во тоа се додека навистина не се случи пред два месеци.Тоа е уште еден доказ колку отворениот дух и ум заедно со музиката може да ги пробијат сите граници“. Првиот настап го имал во Каракас во клубот “La cigareta” зедно со локални dj-и .Потоа имал настап на островот Аруба на западниот дел од Карибите каде што настапил со dj Силвер од Мајами. И на крајот учествувал на   фестивалот на карневалските денови во Латинска Америка во истиот  период кога се одржува и карневалот во Рио.Фестивалот се одржал на Бахамите под наслов “Dance and spirit” а нашиот Дејан настапил на транс и електро минимал стејџот.

„Единствено што можам да кажам е-рај на земјата и ништо повеќе.Температурата варира од 18 до 35 степени.Луѓето се многу отворени и приемчиви,а и лично можам да го потврдам стереотипот кој  важи за девојките од Венецуела- дека навистина се најубави во светот па би додал дека се многу отворени па дури и агресивни кон машкиот пол,секако во позитивна смисла“.Каракас,главниот град на Венецуела,Дејан го опишува како голема 9 милионска метропола која и не е баш најбезбедно место за живеење во што и самиот имал прилика да се увери.Таму стекнал многу нови  пријатели спремни повторно домаќински да го пречекаат.  „Кога ќе се собере се на се баш поради вакви  работи  не би престанал да  се занимавам  со оваа професија па колку и да се тешки условите за работа“ вели Дејан видно возбуден  од искуството кое го имал неодамна.И што да се додаде на тоа освен дека музиката и вистинските човечки вредности не познаваат граници.

Љупчо Ангелоски