Пишува:
Д-р Ирена Скендероска Митреска
спец. по неврологија
Полиневропатијата е состојба која е резултат на оштетување на периферните нерви, кои го поврзуваат средишниот нервен систем и рбетниот мозок со остатокот од телото. Се јавува претежно на нозете, поретко на рацете и најчесто симптомите се симетрични, односно ги зафаќаат двете раце и нозе.
Самата болест е потешка за лекување, но затоа при рани стадиуми може да се спречи развојот и да се ублажат симптомите. Причинителот може да е познат (наследен или ненаследен), а понекогаш може да остане и непознат.
Една од најчестите полиневропатии е дијабетесната, се јавува приближно кај 80% од дијабетичарите и подеднакво е застапена кај мажите и жените. За нејзиното појавување нема влијание должината на самата болест или нивото на гликемија во крвта, иако тешките форми се јавуваат при високи вредности на гликемија. Причинителот не е познат, но се смета дека оваа состојба е резултат на лошата исхрана на периферните нерви поради нарушена циркулација во малите крвни садови, метаболен дисбаланс во завршните делови на периферните нерви и таложење масти околу обвивките на нервите.
Оваа компликација долго не дава тегоби или тие се дискретни. Првите тегоби во почетокот на болеста се чувство на лазење на мравки, трнење, печење во предел на долните екстремитети, по и во табаните, кои обично се јавуваат ноќе. Можат да се јават и грчеви на потколениците, жарење во нозе и стопала. Месеци или неколку години пред изразените тегоби може да постои намален осет за вибрации, болка и температура – периферна сензорна невропатија. Поретки се тегобите манифестирани со проблеми со двигателниот акт, кога се намалува мускулната сила, движењата се отежнати или неможни (парализа). Овие компликации се јавуваат кај постари дијабетичари. Можат да се јават и промени на кожата која станува тенка, распукана, а понекогаш можат да се јават и ранички (улкуси).
СИМПТОМИ НА ПОЛИНЕВРОПАТИЈА
- Оштетувањата на автономните нерви доведува до нарушување на работата на многу внатрешни органи. Чести се нарушено варење на храната, посебно кај дијабетичари зависни од инсулин, кое се манифестира со мачнина, повраќање, рефлукс, смена на пролив и запек. Често се јавуваат неможност за задршка на урина и фецес инкотиненција, како и нагли падови на крвниот притисок по станување од кревет.
Дијагнозата се воспоставува врз основа на добро земена анамнеза, детален невролошки преглед како и електроневромиографски наоди (кои укажуваат на намалена спроводливост на импулсот низ нервот). Кај дијабетичната полиневропатија може повеќе да се направи во превенција на истата, да се одржува гликемијата во граници на нормала, липидите во крвта да се исто во граници на нормала, да се избегнува пушење и консумација на алкохол, како и да се внимава на телесната тежина.
Лекувањето е симптоматско, најважна е пред се строга регулација на гликемијата и чести контроли на истата. Се препишуваат аналгетици при болка и антиоксиданти, Л-карнитин и витамини, пред се од групата на Б-витамини кои помагаат за регенерација на нервите, спречуваат оксидативен стрес, но и влијаат врз регулацијата на крвниот шеќер.
Дијабетесот е тивок убиец кој постепено ги зафаќа скоро сите органи, така што навременото откривање на болеста, правилното лекување и хигиенодиететскиот режим можат да помогнат во блага прогресија и ублажување на симптомите.
OhridNews
Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм