Одлуката трите ѕвезди Двејн Вејд, Леброн Џејмс и Крис Бош да потпишат за Мајами хит ја подели кошаркарската јавност во САД. Едни го оправдуваат ваквиот потег, а други го критикуваат. Пред да се одлучат да потпишат за „жешките“, тројцата кошаркари имале две средби на кои се договориле да потпишат за еден тим за да имаат шанси да ја освојат шампионската титула.


Последниот што ја осуди ваквата постапка на играчите е најдобриот играч на сите времиња, Мајкл Џордан, за кого е несфатливо едни од најдобрите играчи на денешницата на ваков начин да се обидат да го победат ЛА лејкерс и да дојдат до титула.

 – Никогаш не би им се јавил на Лери Бирд и на Меџик Џонсон и да им кажам заедно да играме во еден тим. Јас сакав да ги победувам тие момци, а не да играм заедно со нив, но изгледа дека ова се други времиња – изјави Џордан, кој сега е сопственик на Шарлот бобкетс.


Идентично размислување на Џордан има и неговиот ривал од терените, но голем пријател во приватниот живот, Чарлс Баркли, кој смета дека Џејмс со овој потег си го нарушил реномето и никогаш нема да биде на нивото на Џордан. Тој смета дека Џејмс требало да ги следи постапките на Коби Брајант, кој целата кариера ја помина во ЛА лејкерс и досега освои пет шампионски титули.

 – Леброн никогаш нема да биде Џордан, тој со овој потег си го наруши кредибилитетот. Не можам да сфатам како двојниот освојувач на наградата за најкорисен играч последните две сезони си замина од Кливленд. Требаше да размислува како Брајант, тој 14 години е во еден тим и видете што направи со ЛА лејкерс, освои пет титули и мислам дека и Џејмс требаше да остане во Кливленд, каде што сигурно би успеал да освои титули. Вака без разлика колку трофеи ќе освои во Мајами, тоа ќе биде тимот на Двејн Вејд, а не на Леброн Џејмс – вели Баркли.

Ohridnews