Ѕвездата на франшизата „Пиратите од Карибите“ Џони Деп ќе биде заштитно лице на машката линија парфеми на Диор. Француската модна куќа потврди дека 51-годишниот американски актер ќе ја промовира новата колонска вода. Диор не сакаше да открие колку е „тежок“ нивниот договор. Оскаровките Натали Портман и Шарлиз Терон исто така се заштитни лица на производи од оваа компанија.

 

Деп е еден од најплатените холивудски актери со богатство кое се проценува на 250 милиони евра, најмногу благодарение на „Пиратите од Карибите“ чие најново продолжение моментално се снима во Австралија. Славата на актерот во последно време бледее поради комерцијалните промашувања како „Осамениот ренџер“, „Трансценденција“ и други, а минатиот месец имал проблеми со официјалните лица во Австралија поради тоа што ги прошверцувал своите кучиња во земјата без да ги остави во карантин. Кога му се заканиле дека животните ќе бидат успиени, Деп ги вратил назад во САД.