Австралиската полиција уапсила возач на автомобил „сузуки СУВ“ кој влетал во толпа луѓе во австралискиот град Мелбурн. Засега не е официјално потврдено дали станува збор за тероризам. Локалните медиуми објавија дека две лица се уапсени во врска со инцидентот.

Според информациите на полицијата во сојузната држава Викторија, автомобилот „удрил во голем број пешаци“ на улицата Флиндерс во центарот на градот. Според најновите податоци, 19 лица биле повредени. Меѓу повредените исто така биле и деца од предучилишна возраст, кои се во тешка состојба. Полицијата најпрво го уапсила возачот, а локални информативни портали објавија дека во меѓувреме уапсен е уште еден маж и дека целата област е блокирана. Според нивните податоци, еден од полицајците изјавил дека во прашање е терористички инцидент, но тоа не било официјално потврдено.

Сведокот Кри Гет изјавил дека стоел на аголот од улиците Флиндерс и Елизабет со кафе во рака кога слушнал врисоци. „Кога се свртев, видов многу тела на земја. Видов автомобил кој си пробива пат низ многуте луѓе и тела кои летаа насекаде“, рекол Гет. Тој навел дека меѓу 60 и 100 луѓе ја преминувале крстосницата кога влетал автомобилот, кој, според него, се движел со брзина од околу 70 километри на час.

Ohridnews
Макфакс