Џихадистичката организација Исламска држава (ИС) ги повика своите приврзаници да ги убиваат граѓаните од земјите на меѓународната коалиција за борба против оваа сунитска радикална група во Ирак и во Сирија, а во прв ред Американци и Французи, а јорданскиот крал оцени дека светот предоцна ја сфатил димензијата на заканата којашто ја претставува оваа терористичка организација, пренесува „Макфакс“.

„Доколку можете да убиете американски или европски неверник, во прв ред злите и валкани Французи, или Австралиец или Канаѓанец, или кој и да е (…) државјанин на членка на коалицијата против Исламската држава, со Божја помош убивајте ги на секој начин“, изјави Абу Мохамед ал-Аднани, кој се претставува како портпарол на Исламската држава во порака објавена на интернет на повеќе јазици.

САД и Франција досега во Ирак изведуваа воздушни удари на позициите што ги држат борците на Исламската држава, група којашто во јули годинава го скрати своето од Исламска држава во Ирак и Шам (Левантот – Медитеранот) – ИСИЛ која има намера да го возобнови средновековниот сунитски калифат од северозападен Ирак до медитеранскиот брег на Либан и прогласи калифат на териториите што ги контролира во Ирак и во Сирија.

САД и другите земји мораа во Сирија порано да интервенираат со воздушни удари за да го запрат напредувањето на Исламската држава, изјави јорданскиот крал Абдула Втори. Јакнењето на џихадистите „можеше да се спречи доколку меѓународната заедница подобро и посложно настојуваше финансирањето и помошта на првите исламистички групи во Сирија да не добијат вакви димензии“, изјави јорданскиот крал Абдула Втори во интервјуто за американската телевизиска мрежа ЦБС.

Исламската држава во моментов има пристап до нафтени извори, што дополнително ја зајакнува оваа организација, додаде Абдула Втори одговарајќи на новинарски прашања во Њујорк, каде што допатува за да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации. „Со парите од продажбата од нафтата можат да ги плаќаат странските борци и да купуваат оружје“, додаде јорданскиот суверен.

Абдула Втори, кој смета дека челниците на Исламската држава не би требело да бидат нарекувани муслимани, изјави и дека светот мора да се обедини во борбата со оваа сунитска џухадистичка организација која се одликува со извонредна бруталност и свирепост во казнувањето на противниците и оние кои не го признаваат нејзиното лидерство, особено во областите на кои го прогласи својот калифат и каде исламскиот закон се толкува радикални. Според изјави на очевидци за светските медиуми, покрај масовните егзекуции и отсекувањето на глави на заложниците, припадниците на групацијата своите жртви ги распнуваат на крст.

„Исламската држава го поттикна освестувањето, време е да се приклучиме во борбата на доброто против злото“, оцени јорданскиот крал Абдула Втори.

OhridNews
извор:„Макфакс“