Екстремната сунитска организација Исламска држава ја разнесе две илјади години старата Триумфална капија од римската епоха во градот Палмира во централна Сирија.
Очевидци виделе кога џихадистите ја минирале капијата со големо количество експлозив. Експертите истакнуваат дека уривањето на Триумфалната капија претставува „многу голема загуба за историјата“. Еден од водечките сириски историчари изразува надеж дека сепак Палмира ќе биде спасена доколку сириската армија веднаш премине во напад и го ослободи градот. Дваесетметарската Триумфална капија потекнува од крајот на ИИ век од нашата ера од периодот на императорот Септимиј Север. Изградена е, како и целиот град, во римски стил. На нејзиниот врв беше вдлабено името на императорот, по чијашто волја таа е изградена.

Во август годинава, Исламската држава којашто практикува ригидно сфаќање на исламот и уништува секакви споменици па дури и џамии зашто ги смета за богохулство, го крена во воздух древниот храм на Баал-Шамин, исто така, во Палмира. Храмот потекнува од првиот век од нашата ера и посветен на врховниот бог Баал, кој се споредува со античкиот Зевс. Тој беше дел од комплексот на древниот град Тадмор и беше делумно реставриран претходно.

Во почетокот на септември џихадистите разнесоа три кули гробници во истиот град. Беше урната и една од најпознатите погребни кули – на Елахбел од 103 година од нашата ера, под која беше сочувана подземна гробница. Сириското министерство за културно наследство претходно процени дека реконструкцијата на уништените и оштетени историски споменици во текот на речиси петгодишната војна, како и објектите од културното наследство на Сирија настрадани од џихадистите ќе чини повеќе милијарди долари.

Палмира е една од шесте локации од светското културно наследство на човештвото на списокот на УНЕСКО во Сирија, а Исламската држава го зазема градот во мај годинава. Пред повлекувањето од градот, сириската армија го евакуираше најголемиот дел од артефактите од централниот музеј во Палмира. По заземањето од џихадистите, според очевидци минирани се сите објекти на локалитетот, меѓу другото и големиот антички амфитеатар, кои постепено се уриваат.

Сириските власти стравуваат дека овој уникатен комплекс може да ја доживее судбината на ирачките древни градови Ашур, Нимруд и Хатр (ел-Хадр), кои веќе беа уништени и опљачкани од Исламската држава. Особено меѓу нив беше значаен локалитетот Нимруд, во близината на Мосул, подигнат во XIII век пред нашата ера и како градот Халах бил престолнина на древното Асирски царство, кој беше со булдожери речиси целосно разорен.

OhridNews

извор Макфакс