Рибите во каналот „Студенчишта“ ги уништува македонскиот џет-сет, сметаат од спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Петар“.

„Големиот број  пловни објекти кои минатата година беа укотвени во каналот „Студенчишта“ во летниот период, како и несовесното однесување на голем број нивни сопственици кои испуштаа  масло ,бензин и нафта при полнење на глисерите и фрлаа секаков отпад во водите на каналот, направија огромна штета. Последиците почнаа да се одразуваат врз рибниот фонд во каналот „Студенчишта“.Никогаш до сега не се случило каналот „Студенчишта“ во јануари да нема риба. Такво нешто не  паметат ни најстарите риболовци. Каналот во јануари треба да е преполн со плашка, грунец, моранец, клен ,писа, а во овој период влегува и крапот на зимување. Рибата во каналот влегува на  крајот на септември и ја има до средината на април  во зависност од временските прилики и од разликата на  температурата на водата во езерото и каналот“, реагираат спортските риболовци.

Оттаму велат дека во каналот  во овој период имало дневно околу двесте  риболовци од Охрид и стотина од другите градови на Македонија но сега одвај еден до двајца , а причината е што нема риба.Како една од можните причини го наведуваат и  нискиот водостој . „Порано имало и понизок водостој но каналот бил преполн со риба да неможе камче да падне“, велат риболовците.

Тие потсетуваат дека каналот заедно со блатото, го паметат како едно од најголемите мрестилишта на крап и други видови риби на Охридско Езеро, кое, како што велат, е целосно уништено.

„Минатата година на дното од каналот немаше никаква подводна вегетација.Како една од  можните  причини е пескарењето на неколку бродови директно на водата, со што во каналот се испуштија стотици килограми боја и други хемикалии.


Покрај каналот во кој се влеваат Билјанини Извори поминуваат илјадници туристи и наместо да биде туристичка атракција, ние дозволивме после илјадници или милиони години од постоењето на езерото да го уништиме досегашното вечно зимувалиште на многу видови риби.

Докторите на наука од Хидробиолошки Завод секој ден поминуваат покрај каналот и несакат да ја видат хаотична состојба, за да не започнат со експертска анализа ,со која можеби ќе ја откријат причината зошто нема риба во каналот“, додаваат од „Свети Апостол Петар“.

Спортските риболовци од овој клуб бараат од надлежните итно да преземат мерки за да се откријат причините и да се санираат штетите.

Ohridnews