Американската пејачка Џенет Џексон ја одложи турнејата “Unbreakable”, велејќи дека таа и нејзиниот сопруг планираат проширување на семејството, како и дека мора да одмара после советите на лекарите. Џенет објави видео клип на социјалната мрежа твитер во која вели дека дошло до „изненадни промени“ на вториот дел од нејзината турнеја која почна во август минатата година. Таа не наведе дали е бремена, туку само дека мора да одмара после наредбата на лекарот.

 

Џексон рече дека не заборавила на своите обожаватели, додавајќи дека ќе продолжи со турнејата во што поскоро време. Таа во видеото кое трае нешто помалку од две минути се смее и им се обраќа директно на своите фанови кои ги замоли за разбирање, велејќи дека е важно тоа „да го направи сега“. Џенет Џексон претходно на 24 декември ја прекина турнејата поради операција, велејќи дека ќе продолжи на пролет.