Поп ѕвездата Џастин Тимберлејк го претставил својот прв сингл после повеќе од пет години. Песната “Suit & Tie”, во која пее и раперот Џеј Зи, ќе се најде на неговиот нов албум чие објавување се очекува кон крајот на годинава. Пејачот кој неодамна се оженил со Џесика Бел, на своите фанови минатата седмица преку Твитер им порачал дека е спремен да влезе во музичко студио.

Повеќекратниот освојувач на Греми награди и поранешниот член на групата “N’Sync” по објавувањето на албумот “Futuresex/Lovesounds” во 2006 година паузирал со музичката кариера како би и се посветил на глумата, појавувајќи се во повеќе хит филмови. Во својата порака на официјалната страница навел дека насловот на новиот албум ќе биде “The 20/20 Experience”, но не открил никакви други детали.