По 17 години пауза Охрид од наредната сезона ќе се натпреварува во Првата Македонска фудбалска лига. До овај огромен успех фудбалскиот клуб од градот под Самоиловата тврдина стигна откако со 53 бода се пласираше на второто место кое носи директен пласман во елитното друштво.


– Чувството е прекрасно, играв со Охрид во Првата лига, а еве денес и како тренер се радувам на овај огромен успех. Ова е голем плус за градот, за младите спортисти, кои сигурно ќе имаат многу поголем мотив да продолжат да го играат фудбалот.  Прва лига и си е прва лига, и уште еднаш им честитам на сите во клубот, управниот одбор фудбалерите  што успеавме да го внесеме Охрид во првата лига – вели стратегот на белите Зоран Ѓорески.

По една долга и напорна сезона Охрид го прекина постот и во 90 годишнината од своето формирање по втор пат ќе игра во најсилната конкуренција.


– И покрај сите проблеми кои ги имавем во текот на сезоната, сметам дека сосема заслужено в година ќе бидеме дел од елитата. Охрид како град заслужува да има прволигаш, Охрид мора да обрне внимание на спортскиот туризам кој во секој случај ќе ја надополни и продолжи сезоната преку споротот. Покрај фудбалот треба да заживеат и другите спортови во градот. Ние сме први и се надевам дека ќе повлечиме нога. Им благодарам на сите кои во овие 12 месеци беа со нас – рече претседателот на клубот Гоце Малезан.

М.П.