Бројните презентации на меѓународните туристички саеми, исклучително значајното претставување во Брисел и објавените промотивни стории во европскиот печат имаат позитивен ефект сметаат во локалната самоуправа. Оттаму се оптимисти дека враќањето на холандските гости во Охрид ќе привлече и други туристи од западноевропските држави. Но најбитно од се е гостите кои ќе дојдат тука да бидат задоволни, сметаат градските власти, кои посочуваат дека се свесни за сериозните проблеми на охридскиот туризам, пред се за слабата инфраструктура.
На аеродромот во Охрид речиси и да не слетуваат авиони, а од Скопје до Охрид туристите треба да патуваат подолго отколку што летале. Охрид со автопат не е поврзан, обиколниците и трансферзалите кои треба да го растоварат сообраќајот во летниот шпиц се незавршени, а регионалниот пат кон Св. Наум целосно е нефункционален, посочуваат од општината. Според неа државата не прави доволно за подобрување на инфраструктурата, без што, според неа, развојот на туризмот е невозможен. Проблем се и ингеренциите над езерото и плажите и заштитата на животната средина, но најголем проблем е што општината се уште е во прва фаза од процесот на децентрализација.
Од друга страна државата смета дека прави многу за промоција на туризмот.
-Како никогаш до сега од државата не се издвоени повеќе средства за промоција на туризмот. За првпат се креирани туристички спотови „Мацедони тимелесс“ кои се емитуваа во една организирана медиумска кампања на повеќе светски ТВ канали, како никогаш до сега не се реализирала програма на поканување странски туроператори, саемски манифестации и презентации во странство, билборд кампањи, велат од владината Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
Според советникот Томислав Тунтев, залагањата на државата за промоција на туристичките вредности на Охрид и Македонија преку скапи видео спотови и слични кампањи е погрешна и непродуктивна политика.
-Владата, односно државата е надлежна за развој на туризмот согласно законите. Охрид е во прва фаза на децентрализација, а доколку се набројуваат активностите на локалната самоуправа, барем десет пати се поголеми од тие на државата. Туризам во Охрид со ваква очајна сообраќајна инфраструктура не се развива, тука ни еден ужасно скап спот не помага, вели советникот Томислав Тунтев.
Забелешка кон начинот на поддршка на туризмот имаат и хотелиерите. Тие се задоволни од одлуката за субвенционирање на агенциите кои ќе носат странски туристи, но бараат државата на туризмот да му признае извозна дејност и да го намали ДДВ-то. Дел од туристичките работници пак забележуваат дека при промоцијата се запоставуваат домашните гости и предлагаат дел од кампањата за привлекување на туристите во Охрид да се насочи кон поголемите македонски градови.
Концептуалните разидувања помеѓу централната и локалната власт и туристичките работници се очигледни. Без нивно надминување и сериозна стратегија со конкретен акционен план за подобрување на инфраструктурата не може да се зборува за туристички развој предупредува реалниот сектор, кој стравува дека уште една промашена сезона ќе стави клуч на многу туристички капацитети во Охрид.