Две Луции, Силвана, Дора и Ивана пред две години го формирале тамбурашкиот бенд „Руж“. После неколку настапи на луѓето им се допаднало тоа што го работат и оттогаш се на турнеи во различни земји. Деновиве тие престојуваат во Охрид на покана на значајна меѓународна фондација, каде имаа неколку настапи во познати угостителски објекти. Нивната музика ги освои срцата на охриѓани и гостите кои уживаа во уникатниот настап на тамбурашкиот оркестар „Руж“.
Девојките од бендот „Руж“ се запознале случајно, а ги споила музиката, односно љубовта кон тамбурата.
-Три членки на оркестарот сме од Загреб, а две од Унгарија. Местата на живеење ни се одалечени 300 километри, но ние функционираме одлично. Очигледно таа љубов кон тамбурата е толку силна, штом ете не спои нас од две држави. – низ насмевка зборува Луција Стијепчевиќ.
„Руж“ е необичен музички состав, дотолку повеќе што тамбурашките оркестри најчесто се сметаат за машки.
– Сите потекнуваме од семејства на музичари. Ние сме „градишчански“ Хрвати и кај нас во училиште задолжителен инструмент по музичко ни е тамбура. Почнавме да свириме во културно уметничко друштво, а по извесно време сакавме нешто повеќе отколку само фолклор и така дојдовме до идеја да формираме бенд. Девојки и тамбури е малку необична комбинација, бидејќи воглавно момчињата свират тамура, но ние направивме женска тамбурашка комбинација и еве не во Македонија. – рече Силвана Пајриќ.
Слична е и приказната на унгарскиот дел од бендот.
-Свирам од мојата тринаесетта година. Најпрвин во училиштето, па во културно уметничко друштво. Потоа ги запознав девојките со кои сега го сочинуваме бендот „Руж“ и почна приказната. – вели унгарката Дора Дубиќ.
„Руж“ има мешан репертоар, од забавни мелодии до севдалинки, а свират и македонски песни.
-Ние сме на почеток од нашата кариера. Во иднина се гледаме секако на музичката сцена. Публиката е изненадена од нашите настапи, бидејќи им е необично тоа што девојки свират на тамбури, а потоа се импресионирани од тоа што го изведуваме. Се надеваме дека тоа ќе биде се подобро и подобро. – рекоа девојките од „Руж“.
Во Охрид и воопшто во Македонија, тамбурашкиот бенд „Руж“ настапува прв пат.
-Импресионирани сме од Охрид, преубаво е, градот, луѓето, се’, со зборови едноставно тоа не се опишува, треба да се доживее. – велат девојките од тамбурашкиот бенд „Руж“. Од Охрид тие заминуваат за Словенија на закажан настап, по што следуваат концерти во Австрија, Полска, Унгарија…..
Г.М.