Деветтоодделенецот Никола Танески од ООУ „Григор Прличев“ избран за првенец на генерација. На свечен настан што денес се одржа во дворот на училиштето во присуство на наставниот кадар и соучениците, од страна на директорката на училиштето на Танески му беше врачено признанието.

За мојот успех најголема заслуга има напорната и континуирана работа. Голем удел имаат моите родители, посебно мојата прва учителка која ме воведе во натпреварите. Голем  мотив ми дава и мојот дедо во градење и негување на натпреварувачкиот дух.  Имам учествувано на бројни натпревари меѓу нив по предметите природни науки математика, биологија, хемија и физика. Имам освоени две први места на Државни натпревари по биологија. Во деветто одделение учествував на четири Државни натпревари и добив две трети места. Постигнатите резултати се важни бидејќи придонесуваат да бидеме подобри луѓе и сметам дека секое искуство е важно. Најважно е да не се откажуваме во најтешките моменти да бидеме мотивирани да продолжиме понатаму, вели Танески.

Успехот на натпреварите, потенцира, е резултат на континуирано учење и трудољубива работа, желба да се постигне успех и заинтересираноста за природните науки и математика.

Моето образование ќе го продолжам во Гимназијата на природно-математички смер. Се надевам во иднина ќе продолжам да работам некоја професија поврзана со природните науки, додава Танески.

Директорката на училиштето Лилјана Ефтимовска истакна дека на овој начин се мотивираат учениците низ образовниот процес да бидат вклучени во повеќе активности и да го збогатуваат и надградуваат своето знаење.

Целта ни е да ги мотивираме учениците и што повеќе да учествуваат во наставни и воннаставни активности и натпревари. Како училиште имаме капацитет и во наставен кадар и ученици, што резултира со постигнатите успеси. Во текот на последната недела од учебната година организираме активности со одделенска и предметна настава. Вклучени се децата со свои активности почнувајќи од денес по генерации, завршувајќи во петок. И прогласувањето на првенец на генерација е дел од истите. Учениците овие денови се вклучени со спортски активности, модна ревија, музички свет, мали визионери, весела спортска олимпијада, како и завршната приредба-следно поглавје и одиме на летен распуст, вели Ефтимовска.

Покрај изборот на првенец на генерација, на денешниот настан беа врачени и пофалници на Јон Ѓорѓиески и Софија Гавреска, како и на учениците кои дале придонес во различни активности низ годината.

Деветтоодделенецот Никола Танески од ООУ „Григор Прличев“ првенец на генерација,

пофалници за успешните

 

 

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски