Деветтото издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ годинава ќе биде во чест на британската музичка легенда Дејвид Боуви.

Директорот на МКЦ Златко Стевковски на прес-конференција информира дека на 23 јуни во 21 часот во Градскиот парк во Скопје под диригентската палка на Емин Џијан, и во негова оркестарција, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе некои од најголемите хитови на Боуви, додека сликарските платна ќе ги обојат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска.

За фановите на британскиот пејач ќе бидат поделени и 20 илјади бесплатни примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган.

Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ, рече дека се соочиле со голем предизвик и требало да донесат тешка одлука за песните кои ќе бидат изведени на 23 јуни во Градскиот парк и истакна дека иако малку биле инспирирани од смртта на Боуви, неговата музика ќе живее вечно.

Емин Џијан изрази благодарност за можноста да работи како диригент на Македонската филхармонија и тоа да биде на музиката на Дејвид Боуви. Од музички аспект најави дека е направена хронолошка селекција и дека на концеротот ќе бидат изведени околу 15 композиции.

Ликовниот уметник Ивана Младеновска рече дека задоволството е уште поголемо да се твори под влијание на Дејвид Боуви и во изведба на филхармонија, а бидејќи уметноста е еден експеримент изрази надеж дека исходот ќе биде уште поголем и подобар за очите на публиката

Настанот е финансиски поддржан од Минстерството за култура, Град Скопје и Македонски Телеком.

OhridNews