Деветнаесетгодишно момче со иницијали М.М. синоќа загинало во сообраќајна несреќа што се случила ноќеска околу 1: 20 часот на локален пат меѓу Вевчани и струшкото село Подгорци, информираат од СВР Охрид.

Полицијата соопшти дека увид на лице место извршиле полициски екипи, како и дека и јавен обвинител излезен е на местото на настанот.  Според информациите од Вевчани, каде денеска треба да се одржи традиционалниот Вевчански карневал, станува збор за синот на поранешниот пратеник Крсто Мукоски.

Улиците на 13-ти јануари никогаш не биле вака празни, скоро и да не се забележува маскирани лица, вели градоначалникот Спасе Кочовски.

Вевчани сме мало место и сите сме како една фамилија. Вакви немили настани не потресуваат. Вечерашниот концерт, забавниот дел ќе е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година но не на ваков начин како што се случи оваа година. Имавме средба со Василичарските друштва, традицијата ќе продолжи, дефилето ќе се одржи во минимална состојба. Кој ќе учествува не можеме да кажеме и да влијаеме. Вака никогаш не било. Досега маскирано лице не забележавме на улица, без музика ќе работат и рестораните, додава Кочовски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојческа изрази сочуство до фамилијата и рече дека целата ситуација е неизвесна.

Денес дојдов со градоначалникот да видиме што ќе се случува. Цела ситуација е неизвесна. Тоа што ќе одлучат граѓаните на Вевчани да се случува, тоа и ќе се случи. Традицијата ќе продолжи следните години. Се надевам дека вакви немили настани повеќе нема да има, додаде Костадиновска Стојчевска.

Н.С.Ј.