Полни раце работа имаат вработените во хируршкото одделение при општата болница во Охрид. Покрај вообичаените интервенции, во шпицот на туристичката сезона зголемен е и бројот на сообраќајни незгоди, но и на тепачки кои речиси ги има секојдневно. Само синоќа биле третирани деветмина учесници во тепачки што се случиле низ градот. Неофицијално меѓу настраданите имало случајни минувачи кои биле нападнати од лица во алкохолизирана состојба.

-Изминатиот ден имаше девет повредени во тепачка. Се соочуваме со зголемен обем на работа при дежурства. Најчесто се тоа посеткотини, удари и рани во предел на целото тело. Има и пациенти во алкохолизирана состојба. Обемот на работа е зголемен за 50 проценти во летната сезона. – изјави Д-р Гоце Каневче од хируршкото одделение при општата болница во Охрид.

Тој се пожали дека лекарите на хирургија едвај успеваат да се справат со зголемениот обем на работа, а поради недостиг на кадар лекарите со крајни напори ги реализираат дежурствата, кога има и најмногу вонредни интервенции.

-За време на 18-часовно дежурство имаме и по 30-40 случаи, а за 24 часа и повеќе. Па не знам кој човек може да го издржи тој напор и плус сето тоа да е евидентирано во комјутер. Дотолку повеќе ако се има предвид фактот што дежурствата навечер се реализираат само со еден хирург и една медицинска сестра. – додава д-р Каневче.

Наспроти информациите на општата болница дека речиси секојдневно има интервенции на лица учесници во тепачка, од СВР Охрид велат дека општата безбедносна состојба во градот во шпицот на туристичката сезона е добра.

-Поволна безбедносна состојба имаме во Охрид, на целото подрачје на СВР Охрид исто така. Бележиме зголемен број на туристи и возила, но со крајни напори се обидуваме да се одржува редот и да имаме стабилна и поволна безбедносна состојба и понатаму на целото подрачје.-истакна Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.

И ова лето граѓаните и туристите најмногу поплаки во делот на нарушување на јавниот ред и мир имаат на бучавата која доаѓа од угостителските објекти и разни настани кои се организираат на отворено во доцните вечерни часови. На социјалните мрежи деновиве се води жестока дебата во која граѓаните се жалат на инертноста на надлежните институции, посочувајќи дека интересите на поединци и нивниот профит се ставаат пред општиот интерес на градот и дека последиците по развојот на туризмот со таквиот однос ќе бидат катастрофални на долг рок.

Г.М.