Во железничката несреќа којашто се случи денска наутро во германската сојузна земја Баварија, загинале девет луѓе, а повеќе од стотина се повредени, од коишто најмалку 55 тешко.
Агенцијата DPA, повикувајќи се полициски извори, пренесува дека во судирот загинал еден од машиновозачите, како и дека уште две лица се водат за исчезнати, а дека бројот на повредените се движи околу 150 луѓе. Операцијата на спасување е завршена, се додава во извештајот на агенцијата.
„Возовите со голема брзина, најверојатно околу 100 километри на час се судриле во еден свиок, така што машиновозачите пред сударот не можеле да видат кој им доаѓа од спротивната насока, па оттаму најверојатно ниту имало кочење. Првите делови од двете композиции буквално се зариле еден во друг“, изјави по обиколката на местото на несреќата кај баварското место Бад Ајблинг, германскиот министер за сообраќај, Александер Добриндт, од баварската Христијанско-социјална унија (CSU).
Добриндт изјави дека на местото на несреќата се наидува на „стравичен призор“, како и дека сé уште не е познато дали станува збор за техничка грешка или за човечки фактор.
Во меѓувреме германскиот сообраќаен оператор „Deutsche Bahn“ соопшти дека системот PZB, кој спречува на еднопружен колосек да се најдат истовремено два воза, бил темелно проверен една седмица претходно.
Баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, пак, изјави дека двата воза требало според редот на возењето требало да се разминат на станицата во местото Колбермор, каде што трасата е со две пруги.
„Засега не знаеме зошто дошло до измени во редот на возењето“, изјави Херман, додавајќи дека двете „црни кутии“ се пронајдени и оти по проверката на податоците од нив ќе се знае повеќе за причините за несреќата.
Според досегашните податоци на полицијата, во двете композиции имало околу 150 патници, што е многу помалку од вообичаеното поради празниците, па училиштата не работат, многу вработени земаат слободни денови.
OhridNews
Извор:„Макфакс“