Девет кабелски оператори од Охрид, Ресен, Битола, Крушево, Демир Хисар, Прилеп, Кавадарци, Гевгелија и од Струмица се здружија во една фирма „Мактеко“.
Покрај телевизиски сигнал и интернет, кабелските оператори ќе понудат и услуги од фиксната телефонија.
Почнуваме голем и комплексен проект кој ќе трае две години, вели Душко Сапунџиев, член на иницијативниот одбор на кабелските оператори од регионот кои оваа иницијатива ја обелоденија на денешната средба во Прилеп.
Станува збор за мрежно поврзување на територијата од 200 километри и за регион со 150. 000 домакинства. Вредноста е по 20-ина евра од секој метар, па инвестицијата нема да биде помала од четири милиони евра, вели Сапунџиев.
Во проектот ќе се вклучат и странски инвеститори, а проекциите се 70 насто од населението да има услуги од кабелската телевизија и по триесет проценти од корисниците да добијат интернет и услуги од фиксната телефонија.
Кабелските оператори наведуваат дека се се прави со цел да се покрене квалитетот и да поевтинат услугите.
МИА