По двегодишна судска постапка, Окружниот суд на Загреб ја објави пресудата во случајот „Фими медиа“, со која поранешниот хрватскиот премиер Иво Санадер доби затворска казна од девет години, а за виновни се прогласени и Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и останатите обвинети во случајот, јавува „Макфакс“.
Санадер е осуден на единствена казна од девет години затвор, а во неа ќе му биде пресметано и времето кое го поминал во истражниот затвор. На Санадер и неговото семејство исто така ќе им биде одземен и имотот кој бил стекнат преку овие казнени дела.
Покрај Санадер, како виновни се прогласени и поранешниот благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ, партиската благајничка Бранка Павошевиќ, сопственичката на маркетиншката агенција „Фими медиа“ Невенка Јурак и поранешнит портпарол на Санадер, Ратко Мачек.
Сите освен Санадер и Мачек целосно ги признале обвинувањата дека од државните институции извлекле повеќе од девет милиони евра, кои завршиле во „црниот фонд“ на партијата и на нивните приватни сметки.
Од ХДЗ на обвинувањата одговориле дека незаконитостите биле извршени без знаењето на регуларните партиски тела и дека Санадер и останатите, поради материјална и репутациска штета, треба да вратат повеќе од 6 и пол милиони евра.
Според пресудата, на ХДЗ ќе и се одземе износот кој таа го стекнала противправо, односно партијата ќе остане без 2 милиони куни (261 илјада евра) и 300 илјади евра кои се одземени од Бранко Бачиќ, потоа без парите кои ги уплатиле на сметката на БМЊ, а додатно на државата, ХДЗ е должен да и исплати дополнителни 2 милиони и 200 илјади евра.
OhridNews
извор:„Макфакс“