Пред девет години беше потпишан Рамковниот договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.

Девет години потоа, Охридскиот договор и натаму ја ужива поддршката од меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како единствена рамка за развој на државата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе продолжат да го спроведуваат и почитуваат Договорот доследно со сите негови предности и слабости.

И опозициската СДСМ вели дека останува доследен поддржувач на договорот и на неговата целосна имплементација. Според нив Охридскиот договор е „рамка“ која треба постојано да се полни со содржина.

Прашањето кое се поставува девет години по тој 13-ти август кога четворицата лидери на тогашните најголеми политички партии со гаранти на меѓународната заедница го потпишаа Договорот, е дали е успешен процесот на негова имплементација.

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор Абдилаќим Адеми оценува дека досега добро тече имплементацијата на договорот, зад кој стои и меѓународната заедница и придонесува кон евроатлантските интеграции на Македонија.

Тој вели дека Секретаријатот  ги продолжува напорите за целосно спроведување на овој документ, но и оти се соочуваат со многу проблеми во текот на неговата имплементација, особено во спроведувањето во пракса на законите кои произлегуваат од овој договор. Се прават анализи со цел да се забрза неговото спроведување, но според него останува фактот дека многу закони кои се донесени во Собранието треба да се имплементираат во пракса.

Во текот на годините, Охридскиот договор не ретко се користеше за собирање на дневно-политички поени.

Иако договорот се уште има силна поддршка од меѓународната заедница и од поголемиот дел од релевантните политички партии на Македонците и Албанците, постојат и политички структури кои го оспоруваат.

ДПА отиде најдалеку од сите. Според оваа партија Охридскиот договор е мртов и побара да се направи нов историски договор помеѓу Македонците и Албанците.  Лидерот Мендух Тачи минатата година најави дека доколку не се направи тоа ќе побара од албанскиот премиер Сали Бериша да стави вето на интеграцијата на Македонија во НАТО, а се закани и со напуштање на Парламентот на пратеничката група, што после неколку месеци и го стори.  Од партијата најавија дека Тачи ќе го презентира партискиот став за деветгодишнината од Охридскиот договор.

Договорот од Охрид кој стави крај на судирите меѓу албанските бунтовници и официјалните безбедносни сили, за дел од експертите е карта за Европа и клуч за мирот во Македонија.

Правно гледано, Рамковниот го регулира прашањето за еднаква застапеност на немнозинските заедници во институциите на системот и јасно ги отфрла насилните методи како средство за решавање на меѓуетничките прашања.

Професорот Владо Поповски еден од креаторите на Охридскиот рамковен договор вели дека овој договор е сложен концепт кој е формула за одржливост на Македонија.
Според него, Рамковниот договор по девет години не е целосно спроведен, но укажува на големи резултати.

Тој смета дека постојат прагматични пречки поврзани со финансиските капацитети на државата, кои не дозволуваат целосно имплементирање.

Според професор Поповски, Рамковниот договор е компатибилен на законите на ЕУ и води кон Европа.

„Колку побрзо биде разбрано дека тенденцијата на европските уставни системи е компатибилна со решенијата од овој договор, толку побрзо ќе биде афирмирано како последен чекор на стабилизацијата на Македонија како држава, бидејќи Охридскиот договор е едно течение кое оди кон Европа“, вели Поповски.

Политикологот Мерсел Биљали кој исто така е еден од советниците за прашањата на Рамковниот договорот вели дека не може да се даде генерална оценка за меѓуетничките односи за изминатите девет години, но смета дека тие на почетокот по потпишувањето на Рамковниот договор се движеле во нагорна линија.

„Мултикултурното општество на почетокот стартуваше многу успешно. Но за жал последниве четири години има големо опаѓање на довербата меѓу Албанците и Македонците. Тоа се должи на игнорантскиот однос на Груевски, од една страна и на толерантниот однос на Ахмети, од друга страна“, вели Биљали.

На 13 август 2001 година по повеќенеделни преговори и усогласувања кои се одвиваа во вилата „Билјана“ во Охрид, во присуство на претставници на меѓународната заедница тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери го потпишаа Рамковниот договор со кој се оконча конфликт во Македонија.

Документот како гаранти го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и на САД, Џејмс Пердју.

OhridNews
извор: „Макфакс“