На 5-ти септември, се навршуваат девет години од потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро, при што животот го загубија 15 туристи од соседна Бугарија.

Несреќата се случи околу 10:30 часот. Тоа саботно утро времето беше топло и тивко, езерото мирно и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Капетанот Сотир Филески беше приведен уште на самиот ден на несреќата, при што му беше изречена мерка притвор што беше на сила се до правната разврска на случајот на 5 јули 2011 година, кога беше осуден на една година затвор. Олеснителна околност за Филески беше барањето на застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата за изрекување алтернативна, а не ефективна законска мерка за капетанот, со образложение дека сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.

Основниот суд во Охрид каде од 28 февруари 2011 година се одвиваше судскиот процес за несреќата, во отсуство го осуди и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, заради несовесно вршење на прегледот за техничката исправност на бродот „Илинден“, инаку изграден во 1924 година. Семејствата на оштетените и загинатите патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања против Република Македонија ќе ги истакнат во граѓанска постапка.

Бродот Илинден на една од последните пловидби пред потонувањето

Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица, Република Бугарија.

Деветгодишнината од трагедијата на бродот „Илинден“, утре, ќе биде пригодно одбележана кај спомен обележјето на жртвите од бродската несреќа на градскиот кеј.

OhridNews