Во рамки на програмата на Општина Охрид „За сите деца“ вчеравечер на малиот плоштад „Вангел Наумовски“ се одржа Детски хепенинг со неколку интересни активности. Голем број дечиња уживаа во низата интересни активности.

На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа, присутните ги поздрави Ана Крстеска, заменик градоначалник.

Овој настан е еден од низата активности во рамки на специјалната програма „За сите деца“, која Општина Охрид ја подготви за најмладите. На наше задоволство интересот за оваа програма е многу голем, што е јасен показател дека на Охрид му е потребен забавен концепт преку кој се пренесуваат културни, едукативни, музички и уметнички вредности на најмладите. Започнувајќи од ова лето, секој петок во Охрид носи едно ново забавно доживување и ново искуство за дечињата и родителите. Верувам дека така ќе биде во иднина и оваа убава иницијатива ќе прерасне во сериозен план, кој ќе се надоградува и унапредува со интересни содржини за децата, рече Крстеска.

Посочи дека хепенингот е една прекрасна можност да се види како младите уметници го доживуваат светот околу себе и како локалната ги поддржува во нивниот креативен развој.

На отворениот простор на плоштадот присутните имаа можност да ја погледнат изложбата „Низ детските очи“ од охридската сликарска школа „Пробај уметност”, реализирана од Здружението „Тактус“ од Охрид.

На плоштадот беа поставени и штафелаи на кои децата сликаа на слободна тема.

Гостин на настанот беше Весна Константинова, авторка на книгата „Рисот Ристе“, а најмладите преку боенки имаат можност да се запознаат со ликовите од истоимената едиција.

Во рамки на Детскиот хепенинг се одржа и четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. Беа изведени 20-на музички композиции напишани и создадени во музичката работилница на познатиот охридски композитор и продуцент Јовица Караилиески.

Забавната програма финишираше со музичкиот проект на познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони.

OhridNews