Вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа завршната прирeдба од јубилејното 25-то издание на детскиот фестивал „Распеано рибарче“.
Во името на Општина Охрид, пред присутните се обрати заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.
Навистина ми е голема чест да бидам вечерва тука, на оваа весела сцена, заедно со нашите млади музички таленти и заедно да го одбележиме 25 годишниот јубилеј од оваа прекрасна музичко-сценска манифестација, која е важен дел од најубавите детски спомени во Охрид. Музиката е силна врска помеѓу креативноста, телентот и емоциите, а „Распеано рибарче“ е платформа каде што нашите најмлади ѕвезди блескаат во полн сјај и се инспирираат да го следат својот музички пат. Со новите 23 детски песничи, кои се дел од овогодишната приредба, овој фестивал покажува дека музиката непрекинато живее во детските срца и ќе продолжи да биде силен поттик и поука за нас возрасните, да создадеме услови за посреќна иднина на сите деца, рече Божиновски.
Во свое име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков упати искрени честитки до органзаторите на фестивалот за неуморната посветеност во негувањето на детската музичка култура во нашиот град.
Нивната визија и ангажман го направија овој фестивал непрекинат извор на дружба и едукација за најмладите. Во оваа прилика, кога се прославува овој значаен јубилеј, би сакал да искажам посебна почит и посхумно признание до покојниот Коле Петкуќески, кој со својата желба и ентузијазам беше главен креатор на „Распеано рибарче“, како охридски фестивалски бренд. На сите учесници на овогодишното фестивалско издание им посакувам многу успеси, со желба да продолжат да ги развиваат и да ги покажуваат своите музички таленти, а на вас, почитувана публико ви посакувам да уживате во оваа уникатна музичка забава, додаде Божиновски во своето обраќање.
Во текот на изминатите 25 години, на овој детски фестивал биле изведени околу 500 песнички, а на сцената во хорот и танцовите групи настапиле околу 3000 деца.
Оваа година фестивалот „Распеано рибарче“ е финансиски поддржан од Општина Охрид и Министерството за култура, а во организациониот тим на фестивалот се вклучени Мери Димзовска, Милчо Јованоски, Јовица Каралиевски, Елизабета Здравеска и Димче Китрозоски.
OhridNews