Детскиот анимиран филм „Мумините и потрагата по кометата“(„Moomins and the Comet Shase“) ќе биде прикажан вечерва (25-ти август) со почеток во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Проекција на овој филм, ќе има и утре и задутре (26-ти и 27-ми август) во истото време.
Филмот кој е во режија на Марија Линдберг раскажува за Муминтрол кој еден ден ќе забележи дека нешто чудно се случува во Мумин-долината. Сите нешта започнале да ја губат својата боја и да стануваат сиви. Сите дрва, цвеќиња, реките и планините. Дури и Мумин- куќата! Кога Муминтрол ќе го запраша учениот и мудар Дабар што се случува, ќе дознае дека тоа е типично однесување на светот пред доаѓањето на неговиот крај. Со помош на своите родители – Мумин-мама и Мумин-тато – тој, заедно со неговите пријатели ќе замине во големата опсерваторија за да дознае што се случува. Паметните професори и астрономи знаат дека кон земјата ита големата Комета која ќе ја удри за четири дена, четири часа, четири минути и четириесет и четири секунди со четири секунди можно задоцнување…
Овој анимиран филм се прикажува во рамки на Ревијата на анимирани филмови за деца, а влезницата чини 50 денари.
OhridNews