Процесот на фискална децентарлизација во Македонија е спроведен објективно а фактот што 42 општини влегоа во втората фаза зборува дека процесот се одвива добро, изјави евроамбасадорот Ерван Фуере на конференцијата посветена на втората фаза од децентрализацијата што денеска се одржува во Охрид.
Фуере посочи дека не треба да се заборават проблемите на општините, посебно долговите на тие општини кои не влегоа во втората фаза од децентрализацијата и дека на општините треба да им се се обезбедат потребните услови за да можат успешно да менаџираат со новите надлежности особено во областа на образованието. Но најважно според него е да се реши прашањето за имотот што е во државна сосптвеност кој треба да им се отстапи на општините за да може тие да се развиваат.
Проблемот со градежното земјиште е клучна забелешка и на Заедницата на единиците на локалната самоуправа-ЗЕЛС.„Не може да се бара економски развој на локално ниво, а општината да нема никаква сосптвеност. Прашањето на економски развој е тесно врзано со сопственоста на општините и владата треба да направи исчекор и конечно градежното земјиште да почне да го враќа онаму каде што припаѓа, односно на општините, рече Андреј Петров, претседател на ЗЕЛС.
Македонија е единствена земја во регионот каде општините немаат никаква сопственост и тоа мора да се реши најитно, додаде Петров.
Г. Момироски