Неусогласеноста на големината на општините со опфатот на нивните надлежности, степенот на развиеноста на општините, се само дел од слабостите на процесот на спроведувањето на децентрализацијата во Македонија кои ги детектираа Фондацијата институт отворено општество – Македонија и Центарот за развоја на локалната самоуправа (ЦРЛС), пренесува „Макфакс“.
           
„Постојат огромни разлики меѓу самите општини во Македонија, некои се многу развиени, некои се помалку развиени, меѓутоа постојат разлики во развиеноста и во само една општина.“ изјави Георги Христов од ЦРЛС, на   прес-конференција, вчера, на која беа  промовирани наодите и препораките содржани во двата политички документи насловени „Децентрализација во Македонија: Забавена или заборавена“.
          .
Друг проблем на општините според овие документи е тоа што приходите на македонските општини изразен во бруто домашен производ остануваат екстремно ниски во споредба со другите земи во регионот.
           
„Има само три земји во цела Европа и Евроазија каде приходите на општините, изразени во процент од брутодомашен производ, се помали од тие на Македонија“, се вели во документите, во кои се потенцира дека општините немаат доволно финансиски средства да ги финансираат своите надлежности.
           
Заради овие слабости и финансиската немоќ на општините од ЦРЛС препорачуваат да се преиспита можноста за воведување на политипен вид на општини, односни различни надлежности за различни општини, во зависност од големината,  да се преиспита можноста за воведување на двостепена локална самоуправа, со трансформирање на планските региони во административни региони, да се преиспита организацијата на градот Скопје, и да се намали неговата територија во рамките на урбаните граници.
           
Во однос на финансиите препорачуваат да се ревидира системот на финансирање на општините и да се зајакне работата на Комисијата за следење на процесот на фискалната децентрализација, да се зголеми износот од ДДВ за општините на шест отсто, да се зголемат блок-дотациите за основно и средно образование за најмалку 15-20 отсто, општините преку ЗЕЛС и по пат на преговори со владата и надлежните министерства, секоја година да учествуваат во утврдувањето на висината на капиталните средства од централниот буџет.

OhridNews
извор:„Макфакс“