Децата се незаштитени и постојано изложени на насилство и злоупотреба претежно од страна на возрасни лица. Најголемиот број на пријави на СОС телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада Меѓаши, се однесуваат на проблеми во семејството (18,18%) каде се нарушени семејните односи и релации. Ова се најновите податоците презентирани од страна на Меѓаши.

Децата молчат и трпат насилство. Тие ретко го пријавуваат насилството бидејќи се плашат. Оние кои се јавуваат се возрасни лица блиски на семејството, сведоци на агресијата на која се изложени децата. Само 8 деца жртви на насилство имале храброст и сами го пријавиле насилството, велат од амбасадата.
 
СОС телефонот за деца и млади функционира веќе 19 години ( од октомври 1993 година) и на него се регистрирани повеќе од 18.000 повици. Детскиот СОС телефон претставува служба за директна помош и поддршка на децата, младите и нивните семејства. Со само еден телефонски повик децата може да добијат помош и информации, стручен совет, психо-социјална поддршка или едноставно да разговораат за  проблемите со кои се соочуваат.

            Принципот на работа на СОС телефонот се состои во разговори со јавувачот за проблеми  при што нашите оператори не нудат готови решенија за проблемот. Се разговара за можни алтернативи за решавање за проблемот за кој се јавиле на СОС телефонот, се помага на јавувачот сам да успее да дојде до решението на проблемот.

На бесплатниот СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 работат стручни лица – педагог, психолог, социјален работник и правник, а во активностите се вклучени и волонтери, кои најчесто се студенти и дипломирани лица од факултетите по педагогија, психологија, правни студии и Институтот за социјална работа.

OhridNews