Во рамки на фестивалот Охридско лето синоќа во Центарот за култура Театарот за деца и младинци од Скопје ја одигра претставата “ Бескрајни соништа” во режија на Боњо Лунгов.



Во претставата, која е еден вид мјузикл, актерската екипа на  мошне креативен начин на децата им ја раскажа легендата за Скомрахот (патувачкиот артист), а преку познатите рефрени на АББА и Мајкл Џексон  приреди колаж од креативни асоцијации, што предизвика воодушевување кај детската публика.

Претставата „Бескрајни соништа“ е полн погодок на фестивалот Охридско лето, а во иднина треба да се размислува и за театарска едукација на најмладата публика преку вакви и слични проекти, кои не мора да се само во рамки на фестивалот.



Театарот за деца и младинци од Скопје оваа година го слави својот голем јубилеј, 20 години од своето постоење. Веќе две децении  овој високо професионален тим создава волшепства за најблагородната и најстрога публика, децата. Под раководство на Љубомир Чадиковски, човекот што го формираше театарот, актерската екипа со секоја нова претстава со неверојатна љубов ја докажува својата посветеност во креирање на новите теми кои широко ќе ги отворат очите на децата, им ги пленат срцата и ги внесуваат во светот на бајките носејќи ги во друга реалност потребна како капка вода на дланка.

OhridNews