Меѓународниот ден на деца жртви на насилство, 4 Јуни, го одбележуваат милиони индивидуалци и организации кои работат на полето на заштита и зачувување на правата на децата. Првата детска амбасада во светот Меѓаши како организација која се грижи за заштита на децата и нивните права потсетува на значењето и целта на овој  меѓународен ден, а тоа е да се признае болката која децата ја претрпуваат насекаде низ светот како резултат на физичко, ментално и емоционално злоставување.
 
– Од добиените податоци од работата на СОС телефонот за деца и млади,  дојдовме до заклучок дека децата ретко имаат храброст да го пријават насилството, тие се исплашени и се чувствуват немоќно, велат од Меѓаши.
 
Во периодот од јануари до мај 2011 година на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 има пријавено 22 случаи  насилство врз деца. Само двајца од дојавувачите се деца. Децата  кои го пријавиле насилството биле видно вознемирени, истрауматизирани, со ниска самодоверба и суицидни идеи. Во 2011 карактеристични се и случаите на сексуална злоупотреба на деца, родосквернавење и педофилија.
 
Бесплатната правна служба по секоја добиена дојава на СОС телефонот за деца и млади за случаи за кои е потребно да бидат и институционално третирани, со писмени обраќања ги контактира и известува надлежните институции.
 
– Најчесто децата жртви се плашат да ги пријават своите родители бидејќи нивната иднина  е неизвесна, сметаат дека подобро за нив е да бидат изложени на постојано насилство отколку да бидат жртви на дополнителна институционална  злоупотреба. Карактеристично е дека децата не им веруваат на државните институции во процесот на нивна заштита, обидувајќи се да ја избегнат допонителната трауматизација и виктимизација од страна на институциите, одбираат да молчат. Ги повикуваме и ги охрабруваме сите деца кои биле изложени на било каков вид на насилство, злоупотреба, злоставување или се сведоци на истото како и  возрасни кои  можат да помогнат во превенција на насилство слободно да се јават и да го пријават истото до соодветните државни институции или на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222. Прикривањето на насилството воедно означува давање на дозвола и охрабрување на насилникот да продолжи со таквото однесување, наведуваат од Меѓаши.

OhridNews