Дечињата од предучилишна возраст кои се згрижени во Централниот објект на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, во објектот „Развигорче“ и во подрачната градинка во село Лескоец, денеска имаа посета и едукативен час во полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.

-Со активностите на езерската полиција во заштита на државната граница и заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро како и за другите мерки и корисни информации поврзани со работата, денес најмладите ги запозна командирот на полициската станица за граничен надзор-самостоен инспектор Миле Колески. Командирот заедно со тимот на езерската полиција, на најмладите им покажаа и дел од опремата и материјално-техничките средства што ги користи езерската полиција, информираат од СВР Охрид.

Најмладите со виден интерес ги разгледале полициските чамци и глисери, како и возилата и полициските моторцикли што постојано се користат во секојдневното извршување на работните задачи.

Денешната посета на децата од градинката е планирана активност во рамките на проектот „Мојот пријател полицаец“.

OhridNews