Децата од Дневниот престој за хендикепирани деца при црквата „Св Ѓорѓи“ во Охрид на 12-ти овој месец изведоа еднодневна екскурзија до Крушево. Со тоа се исполни нивната голема желба да го видат градот на Илинден и да го посетат гробот на Тоше Проески.

Цела година децата вредно работеа: цртаа слики, збираа листови и цветови и ги препарираа, составуваа слики од сложувалки. На крајот, организираа продажна изложба на своите ракотворби на која дојдоа поканети спонзори и хумани граѓани кои го помагаат овој проект, да купат од изложените слики и со таа да им овозможат на децата да ја реализираат екскурзијата. Во знак на благодарност ги спомнуваме некои од нив кои редовно имаат слух и разбирање да ни помогнат: Елма, Унија на жени од ВМРО, Депортиво, црква Св. Ѓорги, католичката црква Св. Кирил и Методи,  Аква Блу,  и повеќе други поединци.

Патувањето мина весело, со песни и ведро расположение. Во Крушево го посетивме гробот на Тоше, најголемата современа ѕвезда на македонската музика и пошироко, кој стана идол и поради големата хуманост која ја покажа кон хендикепираните и бедните, а воедно ги афирмира и духовните вредности – верата во Бога и Црквата.

На гробот во ред чекаа стотици деца од школските екскурзии, а нас ни дадоа предност преку ред да пристапиме, да заблагодариме, да запалиме свеќи и да се помолиме за душата на Тоше. По тоа го посетивме Македониумот, а на Мечкин Камен ручаввме на прекрасните расцветани полјанки.

 Пак со песна се вративме преку Битола и Ресен. Впечатоците беа прекрасни. Уште веднаш се роди идеја и се направи план – идната година пак да се работи и да се организира екскурзија до Бигорскиот манастир и Мавровското Езеро.

Проектот за Дневен престој на хендикепирани деца при црквата Св Ѓорги е заеднички проект со католичката црква Св Кирил и Методиј од Охрид, а веќе 3 години го финансира „Реновабис“ од Германија.

Известуваат: Владо Петрески и Даниел Нунески
Дневен престој за хендикепирани деца-Св„Ѓорѓи“