Екипата на Работнички е првиот патник во финалето на кошаркарскиот „Хуавеј Супер куп“ кој се одржува во Охрид.
Во полуфиналето децата на Марин Докузовски храбро и сигурно одиграа против Кожув и забележаа убедлива победа 79-56 (10-15, 27-15, 22-12, 20-14).
Четворката Крстевски (18п), Мираковски (14п), Ѓуровски (16) и Цветкоски (17) заедно искомбинираа 65 поени што е повеќе од целиот тим на Кожув.
Тимот од Гевгелија вистинското лице го покажа само во првата четвртина, која ја добија со пет поени (15-10). Во останатите три периоди доминираше скопскиот тим предводен од Марин Докузовски на клупата.
Противник на Работнички во утрешното финале (19:30ч) ќе биде победникот од вториот полуфинален натпревар меѓу МЗТ Скопје и Куманово кој на програмата е во 20:15 часот.
Мх.П.